Со положување на свежо цвеќе на две локации, и тоа пред Спортската сала во Куманово како и во населбата Бедиње, Општинската Организација на Сојуз на борци од Куманово ќе ја одбележи годишнината од излегувањето на првите кумановски партизани и приклучување на борбите од НОБ.
Како што соопшти Благе Јакимовски, секретар на ОО на Сојуз на борци од Куманово, во петок со почеток во 9 часот, свежо цвеќе ќе биде положено во поранешната бавча на Денко Цеков, татко на првоборецот Јордан Цеков – Дане, на местото каде што сега е изградена Спортската Сала, каде што се излезени седум партизани сметани како јадро на формирање на првиот кумановско – партизански одред, како и во бавчата на Ангел Тодоровски, татко на Христијан Тодоровски – Карпош, во населба Бедиње.
Во јуни 1943 година, заедно со Панче Пешев и Христијан Тодоровски-Карпош, Јордан Цеков – Дане е организатор на јадрото од 11 партизани, кои на 26 јуни вечерта излегоа од градот и стапија во Вториот јужномораски партизански одред. Во јули јадрото се зголеми на 18 партизани и на 2 август 1943 се формира Кумановскиот партизански одред, под команда на Христијан Тодоровски-Карпош.