Во денешниот напад на руски дрон врз патнички автобус на југоистокот на Украина, во област близу до линијата на фронтот, пет лица се убиени, додека најмалку седум се ранети, изјави гувернерот на регионот Дњепропетровск, Олександр Ханжа, пренесува новинската агенција Ројтерс.
Нападот се случил во областа околу градот Никопол, објави Ханжа на Телеграм.
Ханжа објави фотографија од бело возило со скршени прозорци и траги од крв што течат по неговата страна.
Градот се наоѓа спроти територијата окупирана од Русија, на неколку километри од другиот брег на Днепар, и редовно е цел на руски напади.
„Русите цинично нападнаа патнички автобус. Тие целеа на минибус што превезуваше луѓе кои одеа по своите секојдневни обврски“, рече Микола Лукашук, претседател на Советот на областа Дњепропетровск.
Русија не коментираше веднаш за нападот. И Украина и Русија негираат дека намерно ги таргетираат цивилите во војната што започна со целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година.
Исто така, гувернерот на централниот украински Полтавски регион изјави дека Русија ја нападнала енергетската инфраструктура во тој регион во текот на ноќта.
Гувернерот Виталиј Ѓаковнич изјави на Телеграм дека руски дрон погодил неименуван индустриски објект.
Од друга страна, руското Министерство за одбрана денес објави дека погодил товарен брод во украинското црноморско пристаниште Чорноморск, во регионот Одеса.

