Во кои земји на ЕУ најчесто се работи за време на викендите?

Сподели со своите пријатели

Повеќе од една петтина од вработените во ЕУ, околу 21,3 проценти, редовно работат за време на викендите, а овој процент е највисок во услугите и земјоделството, според податоците на Евростат.

Според извештајот, речиси половина од вработените на возраст од 15 до 64 години во услугите и продажбата, или 47,6 проценти, работеле во сабота или недела минатата година, а сличен удел е забележан во земјоделството, шумарството и рибарството и изнесува 47,2 проценти.

Меѓу работниците на нискоквалификувани работни места, уделот на оние кои работат и за време на викендите е 25,7 проценти.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Шпанската полиција заплени 40 тони кокаин (ВИДЕО)

Гледано според статусот на вработеност, само 18,5 проценти од вработените лица работат за време на викендите, додека овој удел е значително поголем кај самовработените (претприемачи): 45,8 проценти за оние кои имаат свои вработени (работодавачи) и 35,9 проценти за оние без вработени (самовработени).

Меѓу земјите од Европската Унија, Грција има најголем удел на вработени кои работат за време на викендите со 31,5 проценти, по што следуваат Кипар со 31,3 проценти и Малта со 29,2 проценти.

Спротивно на тоа, најмалку луѓе кои работат за време на викендите пријавиле Литванија со три проценти, Полска со 4,2 проценти и Унгарија со 6,2 проценти, според веб-страницата на Евростат.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Девет рудари загинаа откако беа заробени во рудник во Колумбија