Владата кон крајот на 2015 ќе се задолжи за нови 500 милиони евра

Сподели со своите пријатели

Владата до крајот на годината повторно ќе издаде еврообврзница на меѓународниот пазар со што ќе ја задолжи државата за 500 милиони евра, јавува магазинот Капитал.

Loading...

Како што стои во објавата, парите ќе се користат за покривање на буџетските дефицити  за следната година и за рефинансирање на старите долгови. Рокот на достасување на еврообврзницата ќе биде до 10 години, а ќе биде издадена преку лондонското претставништво на Deutsche bank.

Одлуката за издавање на еврообврзницата е веќе објавена во „Службен весник“, тврди македонскиот магазин.

„Еврообврзницата се издава за буџетска поддршка во 2015 и 2016 година и за рефинансирање на обврските што достасуваат за отплата на државниот долг на Македонија. Вкупната номинална вредност на еврообврзницата изнесува до 500 милиони евра или противвредност во американски долари. Министерството за финансии плаќа камата на еврообврзницата еднаш годишно“, стои во одлуката.

Ова е четврти пат Македонија да се задолжува со еврообврзница. Последен пат лани Владата со еврообврзница позајми 500 милиони евра со камата од 3,97% и рок на доспевање од седум години.  Во 2009 година беше издадена еврообврзница од 175 милиони евра, која достаса по 3,5 години. Првата еврообврзница е издадена во 2005 година на износ од 150 милиони евра и таа беше отплатена. Вкупното салдо на задолжување на државата со еврообврзници од 2005 година до сега (сосе четвртата најавена) е 1,325 милијарди евра.

Извор: Капитал.мк