Со почеток во 20 часот утревечер на сцената на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово ќе биде изведена премиерата на комедијата „Ковачи“ во изведба на кумановскиот театар.
Како што појасни директорот на Сашо Тодоровски станува збор за претпоследна претстава од годишната програма на Театар Куманово.
Претставата е според текстот на Алек Попов, а во режија на Деан Дамјановски.
– Подготовките се започнати пред два месеци. Утре ја очекуваме премиерата. Се надеваме на успешна премиера, одлична комедија, одлична актерска екипа, рече директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски.
Според режисерот Дамјановски станува збор за една прилично апсурдна комедија, а самиот заплет е многу интересен.
– Дејството се случува во Германија, во едно мало гратче и наводно според авторот е прогласен за најсреќен град во Германија. Тоа не е точно, тоа е фикција. Оттука има еден заплен кој не би го откривал и кој влијае на жителите на тоа мало гратче и го превртува тој еден среќен и идиличен живот наопаку. Она што е интересно е судирот на две култури, западната кон која се стремиме и од друга страна нашиот балкански менталитет, вели тој.
Актерот Антонио Димитриевски го игра ликот на Долф кој е претставник на германското општество.
– Претставник на општество кој живее под стаклено ѕвоно, во еден рај, каде ништо не ја бранува јавноста, се е како стерилизирана средина која што наликува дури и на некаква изрежирана реалност и цивизација, начин на живот. Нема тага, нема радост, нема љубов, нема страст, нема и убиства истовремено, до еден момент. Ликот на Долф е човек кој е живее во комформистички свет на општеството и истовремено опозициран од еден друг свет кој е гладен за живот, сака да живее и кој не се плаши да влегува во ризици, вели Димитриевски.
Дел од актерската екипа и актерот Горан Илиќ кој во претставата ќе игра протестански поп кој се труди да ја сочува моралната вредност, но неуспешно.
– И тој се приклучува во еден момент дури и на вулгарен начин на она што значи задоволство и евтина среќа. Тоа ми е некако многу блиску бидејќи како уметник се чувствувам доста поразен на тие напади од материјален свет, колку и да сакаш да се одбраниш животот е прескап, вели актерот.
Жарко Јовановиќ во претставата игра два лика, еден е водител на реално шоу, но и младиот син Бруно.
– Јас во претставата играм два лика, едниот е водител на реално шоу, а всушност самата ситуација дека се ставени во реално шоу много добро ја отсликува модерната слика затоа што сите реални шоуа се дел од модерното време. Вториот лик е на младиот син Бруно, 27-годишен и повторно е слика на еден млад човек од европската цивилизација кој е претставен како некој млад човек кој не работи ништо и безделничи, појаснува актерот Јовановиќ.
Актерката Кети Дончевска – Илиќ ги повика сите утревечер во 20 часот да ја погледнат премиерата и најавува комедија која ќе се игра долго.
– Она што е важно за мене е дека во Театар Куманово низ годините се случувало да имаме претстави кои публиката ги гледала по четири до пет пати еден ист гледач. Јас сум уверена дека ова е еден тип претстава која Театар Куманово во овој момент ја има и која публиката сигурно дека ќе се наврати повеќе од еднаш, рече таа.
Целосната актерска екипа ја сочинуваат Антонио Димитриевски, Кети Дончевска – Илиќ, Горан Илиќ, Нина Максимова, Жарко Јовановиќ, Давид Илиќ и Марко Трајковиќ
Сценографијата и дизајн на плакат се на Филип Јовановски, за костимите е задолжена Елена Вангеловска, драматрург е Зоран Зафировски, а асистент сценограф Крсто Богојевски.
Никола Ивановски