Во среда, на 25 декември 2024 година, во Салонот на Уметничката галерија при НУ Музеј-Куманово, од 19:30 ќе биде отворена изложба на дела по повод 50 години постоење, јубилеј на Ликовната колонија „Куманово (1974-2024)“.
Изложбата е дел од програмските активности, финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам.
На изложбата ќе бидат презентирани ликовни дела од Фондот на НУ Музеј-Куманово, еден вид ретроспектива на педесетгодишното постоење на колонијата, од најзначајните македонски и странски автори, кои зеле учество, како и од првите кумановски учесници со кои започнува колонијата во 1974 година: Тане Атанасовски Гарски, Трајко Тошевски, Зоран Јакимовски, Иван Оцепек и Владимир Величковски.
Изложбата има ретроспективен карактер и има за цел да направи еден пресек и да ги презентира најзначајните ликовни автори од македонско и странско потекло, како и да презентира што поголем број на ликовни автори кои зеле учество и оставиле значајни дела. Особено се издвојуваат делата на странските реномирани уметници кои ќе бидат презентирани на оваа изложба: Денис Бовен и Паоло Чампини. Од богата колекција која ја надминува бројката од 700 слики и скулптури, се издвојуваат делата на познати и признати македонски автори кои зеле учество на колонијата: Борко Лазески, Ванчо Ѓорѓиевски, Ана Темкова, Нове Франговски, Рубенс Корубин, Момчило Петровски-Моцо, Васил Василев, Ибрахим Беди, Димитар Малиданов, Реџаи Исени, Димитар Манев, Веле Ташевски, Кирил Геговски, Доне Милјановски, Решат Амети, Вана Урошевиќ, Ѓорѓи Чулаковски-Ѓото, Никола Иванов-Балтон, Исмет Рамиќевиќ и многу други. Секако, ќе бидат прикажани и автори од градот Куманово, по кој колонијата го носи и името.
Пред пет децении, во 1974 година формирана е меѓуопштинска ликовната колонија „Прохор Пчински“, помеѓу два збратимени градови во тогашната СФРЈ, Врање (Србија) и Куманово (Македонија). Оснивачи се тогашната Културно-просветната заедница од Куманово и Работничкиот универзитет од Врање. Првата сесија била одржана во конаците на манастирот Св. Прохор Пчински, во близината на селото Кленике. Ликовната колонија „Прохор Пчински“ ќе трае од 1974 – 1990. Во Куманово колонијата реорганизирана продолжува да работи после две години, (поради политичките прилики во 1991 и 1992 таа нема да се оддржи), во 1993 година под новото име „Куманово“. Од тогаш до денеска, иако повеќе пати ќе го менува местото на одржување, таа сепак опстојува и е единствена колонија во нашата земја во која соработуваат државната и локалната власт. Таа е континуирано, финансиски поддржана како од Министерството за култура и туризам, така и од Општина Куманово.
На Ликовната колонија „ Куманово“ во изминиве години учествуво зеле голем број на автори, ликовни творци (сликари, вајари, графичари и др.), од различни генерации (некои и по неколку пати), како од Републиката, така и од повеќе земји од светот и регионот со академска наобразба: Велика Британија, Шведска, Холандија, Франција, Јапонија, Турција, Романија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Албанија, Црна Гора и тн.
Ликовната колонија „Куманово“ е една од поетаблираните колонии во Р. С.Македонија, со долгогодишно искуство и традиција, која се одржува до ден денеска.
Автор на изложбата е Драгана Спасковска, Кустос советник, историчар на уметност при НУ Музеј-Куманово