Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, повика на продолжување на договорот за извоз на жито преку Црното Море, како што рече, „без разлика дали Русија е подготвена“.
„Сè уште е наш став дека иницијативата мора да продолжи без оглед на тоа дали Русија е подготвена“, рече Зеленски синоќа на американската амбасадорка во Обединетите нации (ОН) Линда Томас-Гринфилд, која го посети Киев, пренесува Радио Слободна Европа.
Зеленски рече дека и покрај руската инвазија, Украина е подготвена да остане „гарант на глобалната безбедност на храната“, мислејќи на статусот на неговата земја како еден од најголемите светски производители на жито.
Со Русија во јули, со посредство на Турција и ОН, беше потпишан договор за безбеден извоз на жито од украинските пристаништа.
Меѓутоа, Русија на 29 октомври објави дека се повлекува од договорот откако нејзините бродови во близина на Севастопол на Крим беа цел на воздушни и подводни дронови, за што ја обвини Украина.
Европската унија набрзо ја повика Русија да се врати на договорот, со оценка дека со повлекувањето го загрозува главниот извоз на жито и вештачко ѓубриво и ја поттикнува глобалната прехранбена криза предизвикана од нејзината војна против Украина.
На почетокот на ноември беше објавено дека ОН и Турција повторно работат на посредување за постигнување договор што ќе овозможи продолжување на испораката на жито од Украина, со што би се избегнало продлабочување на кризата.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.