Во основното училиште „11-ти Октомври“ во Куманово се одржа уникатен настан посветен на шахот – кралската игра која ги инспирира генерациите со својата стратегија и интелектуален предизвик.
Настанот опфати презентација за основите на шахот, натпревар меѓу најталентираните ученици и инспиративно предавање од реномираната шахистка и репрезентативка на Македонија, Маре Крстевска.
Дополнителна магија на настанот донесоа маскотите Крал и Кралица, кои ги мотивираа учениците и ја збогатија атмосферата со својата присутност.
– Целта на овој настан беше да се разбуди љубовта кон шахот кај младите, да се развијат нивните аналитички и логички способности, и да се промовира шахот како спорт кој гради карактер и дисциплина. Со вакви активности, нашето училиште продолжува да ја негува традицијата на создавање генерации со љубов кон знаењето, играта и меѓусебното почитување, изјави Драгица Спасиќ, директор на училиштето.