Висок функционер на руска компанија која развива крстаречки ракети користени од Русија во војната со Украина, бил застрелан и убиен во близина на Москва, објавија во четвртокот украинските медиуми.
Михаил Шацки, заменик-главен дизајнер во Бирото за дизајн на Марс – кое развива и произведува системи за наведување за руската воена и воздушна индустрија – е убиен, според тие извештаи, пред два дена во близина на градот Котелники во московскиот регион.
Полицијата не ја коментираше веста, но извештаите на социјалните мрежи и локалните медиуми, кои не се независно проверени, го идентификуваа Шацки како жртва, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Медиумите во Украина објавија дека Шацки бил вклучен во модернизацијата на ракетите H-59 и H-69, како и помагањето во развојот на беспилотни летала.
Сето ова оружје Русија го користи за напади во Украина.
Наводите за убиството на Шацки дојдоа три дена откако автомобил-бомба го уби Сергеј Евсјуков, кој раководеше со затворот Оленивка, окупиран од Русија, во Доњецката област во времето кога повеќе од 50 украински затвореници беа убиени во контроверзна експлозија во јули 2022 година.
Никој не ја презеде одговорноста за тие инциденти.
Припадниците на руската војска и функционерите назначени од Москва постојано беа цел на напади на територијата на Украина окупирана од Русија. Во многу случаи, нападите беа фатални.
Украинските власти обично велат дека зад ваквите напади стојат „герилски сили“.
Русија ги обвинува украинските тајни служби за организирање и извршување на нападите.
Познатиот руски новинар и критичар на Кремљ, Александар Невзоров, прв на Телеграм ја објави смртта на Шацки, заедно со фотографиите од, како што наведе, телото на Шацки.
Независните истражувачки медиуми IStories ги лоцираа сликите на локација во близина на домот на Шаки, но овие тврдења не се потврдени.