Холандскиот господар на подземјето Марко Ебер, кој со години беше на врвот на листата на Европол за најопасни и најбарани криминалци, е убиен во Мексико, пишува Мирор.
Според извештаите кои доаѓаат од Мексико, Холанѓанецот завршил како што живеел.
Тој бил убиен од ривалска група додека одел кон својот блиндиран автомобил.
Пукањето се случило во Атизапан де Сарагоса, во близина на Мексико Сити.
Ебен беше осуден на седум години затвор во 2020 година за наводно учество во заговор за шверц на 400 килограми кокаин во гајби со ананаси кои патувале меѓу Холандија и Бразил.
Холанѓанецот ниту една секунда не поминал во затвор.
Тој ја лажирал својата смрт и веднаш по изречената пресуда побегнал.
Тој беше на врвот на листата на барани од Европол поради неговите долгогодишни врски со меѓународниот организиран криминал, вклучувајќи го и озлогласениот мексикански картел Синалоа.
На интернет кружи фотографија на која се гледа како мртов Ебен лежи меѓу автомобили на паркинг. Смртта ја потврди и државното обвинителство.
Ебен беше осомничен со месеци дека живеел во Мексико под нов идентитет по извештаите дека лажирал неговата смрт во градот Кулијакан минатиот октомври, поради конфликт меѓу две ривалски организации.
Ова не е единствениот удар врз организираниот криминал што неодамна се случи во Мексико. Неодамна, властите објавија апсење на пилот кој работел за картелот Лос Чапитос, фракција на картелот Синалоа предводена од синовите на затворениот крал на подземјето Хоакин „Ел Чапо“ Гузман.
Пилотот познат како Ел Џандо е уапсен во операција во која картел уби мексикански војник. Мексико е преполно со насилни конфликти меѓу картелите поради вакуумот во моќта што настана откако мексиканските власти го уапсија лидерот на Синалоа Исмаел „Ел Мајо“ Замбада во јули минатата година.