Поп – пејачката Бојана Атанасовска со песната „Диви цветови“ победи на 30-тото јубилејно издание на фестивалот за забавна музика „Макфест“ кој заврши синоќа во Штип, освојувајќи ја главната награда од 10.000 евра.
На второто место заврши дуетот на Панче Илиев и Илија Кикиритковкои и песната „Којшто ме чуе да пеам“ и си заминаа со втората награда во вредност од 7.500 евра.
Третото место и наградата од 5.000 евра отидоа во рацете на Евгенија Чанчалова и композицијата „Миг до вечност“.
Покрај првите три места, на вчерашното издание на Макфест беа доделени и награди за најдобар дебитант, најдобар сценски настап, најдобар аранжман „Драган Ѓаконовски – Шпато“ и за најдобра интерпретација, во вредност од по 1.000 евра.
За најдобриот дебитант е прогласен Огнен Здравковски, кој се претстави со композицијата „Те молам врати се“ , наградата за сценски настап ја доби Виктор Апостоловски со темата „Ни јас ни ти“ , за најдобар аранжман беше наградена композицијата „Како небо и земја“ од Лазар Цветкоски, Гоце Симоноски (музика и аранжман) во изведба на Дарко Илиевски и за најдобрата интерпретација беше награден Ѓоко Танески за песната „Ако љубов е“ .
За најслушана песна меѓу два фестивала беше прогласен минатогодишниот хит „Тажна љубов, среќна песна“ на Тамара Тодевска.