Украинскиот претседател Володимир Зеленски е „подготвен за мир“, изјави новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, по трилатералната средба со францускиот претседател Емануел Макрон и Зеленски за време на посетата на Париз по повод отворањето на реновираната катедрала Нотр Дам.
– Зеленски сака мир. Тоа е вест. Не разговаравме за деталите. Тој мисли дека е време, а (рускиот претседател Владимир) Путин треба да мисли дека е време, бидејќи загуби. Кога ќе изгубите 700.000 луѓе, тоа значи дека е дојдено време бидејќи нема да заврши додека не дојде до мир – изјави Трамп за New York Post.
Во интервју за њујоршки весник, во кое се детализирани неговите разговори со светските лидери за време на неговото прво патување во странство по победата на претседателските избори, Трамп, исто така, откри дека разговарал за НАТО со Макрон во Париз минатиот викенд, повторувајќи дека мисли дека алијансата треба да „плати неговиот фер удел“.
– Реков дека НАТО е добар се додека сите си ги плаќаат сметките. Тие мора да си ги платат сметките затоа што, знаете, кога јас влегов во НАТО, никој не плаќаше, а потоа почнаа да плаќаат откако јас влегов. Макрон се согласува со мене – рече Трамп.
Тој се осврна и на неговиот состанок со првата дама на САД Џил Бајден, велејќи дека нивниот разговор во катедралата Нотр Дам бил исто така позитивен, и покрај нивната долга историја на остри вербални размени во текот на два изборни циклуси.
– Не можеше да биде поубава. Но тоа е политика. Мора да се навикнеш на тоа. Беше многу љубезна и имавме многу убав разговор – заклучил Трамп.