Францускиот претседател Емануел Макрон го повика Вашингтон да обезбеди „побрза и посилна“ соработка за Украина за време на средбата со неговиот американски колега Доналд Трамп во Њујорк на маргините на 81-та сесија на Генералното собрание на ОН, објави парискиот весник „Ле Монд“ утрово.
Макрон им изјави на новинарите по средбата дека имал долг разговор за „потребата да им се обезбеди на украинските пријатели уште побрза и посилна помош во форма на пресретнувачки ракети“.
Францускиот претседател, исто така, спомена иницијативи што би можеле да се преземат „за да се најде мораториум за енергетските прашања“.
„Јасно е дека денес мора да му помогнеме на украинскиот енергетски систем и на ситуацијата во целиот регион“, нагласи Макрон без да прецизира дали овој мораториум ќе се однесува и на украинските напади врз руската енергетска инфраструктура.
Во понеделник, Трамп изјави на социјалните мрежи дека Русија „ја изгубила контролата врз својата дизел индустрија поради војната со Украина“.
„Оваа смешна, бескрајна војна со Украина мора да се запре“, додаде Трамп.
Средбата меѓу Трамп и Макрон се одржа во Трамповата кула на Петтата авенија. Според еден од присутните, американскиот претседател сакал да го прими својот гостин и во својот стан.
Пред средбата, Макрон ветил дека ќе разговара „отворено“ со Доналд Трамп за да се обиде да го „насочи кон правилните одлуки“, особено во врска со Украина.
Француската страна имала за цел да се обиде да го убеди Трамп да „ја задржи поддршката за Украина и да го зголеми притисокот врз Русија“, додаде Монд.

