Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, но додаде дека датумот за средбата не е одреден.
Трамп, кој ја презеде функцијата во понеделникот, исто така додаде дека ќе се обиде да стави крај на руско-украинската војна што е можно поскоро.
Тој го изјави ова пред новинарите додека потпишуваше извршни наредби во Овалната соба, пренесува Ројтерс.
„Ќе се сретнам со претседателот Путин“, рече Трамп, одговарајќи на новинарски прашања за можноста за таква средба.
Во одговор на прашањето како планира да ја заврши војната во Украина, американскиот претседател рече: „Се обидуваме да го направиме тоа што е можно поскоро“.
Трамп уште еднаш изрази став дека војната никогаш не требало да започне.
Трамп им наложил на своите соработници да договорат телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин во деновите откако ќе ја положи заклетвата, со цел да се закаже директна средба во наредните месеци со цел да се стави крај на војната во Украина, објави вчера Си-Ен-Ен. повикувајќи се на неименувани извори.
Изворите рекоа дека претставници на тимот за национална безбедност на Трамп почнале да работат на закажување телефонски разговор на Трамп со Путин пред неколку недели.
Телевизиската мрежа наведува дека не е познато дали веќе е одреден датумот за телефонски разговор.
Трамп не разговарал директно со Путин речиси три години.
За време на предизборната кампања, Трамп вети дека ќе стави крај на конфликтот во Украина во рок од еден ден по полагањето заклетва.