Трамп се закани со високи даноци за американските фирми што градат дата центри надвор од САД

Сподели со своите пријатели

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес се закани дека ќе наметне високи даноци и други финансиски казни за американските компании што градат центри за податоци во странство, велејќи дека сака ваквите објекти да се градат исклучиво во САД.

„Нема да дозволиме нашите компании да градат центри за податоци надвор од нашата земја. Нема да дозволиме тоа да се случи“, рече Трамп на прес-конференцијата во Белата куќа, објави Блумберг.

Тој предупреди дека компаниите што инвестираат во изградба на вакви објекти во други земји ќе се соочат со „огромен данок“.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Силни ветрови и бранови насукаа брод на брегот на Франција, започната е спасувачка операција

„Ако го сторат тоа, ќе им наметнеме огромен данок. Сакаме да градат тука“, рече американскиот претседател.

Претседателот на САД оцени дека САД веќе заостануваат во одредени стратешки индустрии поради тоа што им дозволија на компаниите да го преместат производството на полупроводници во странство.

„Почнавме да заостануваме кога дозволивме чипови и други работи да се произведуваат надвор од нашата земја. Тоа беше многу штетно за нашата земја“, рече Трамп.

Тој истакна дека голем број центри за податоци веќе се изградени во САД и повтори дека нема да дозволи американските компании да развиваат такви капацитети во други земји.

Трамп предупреди дека Кина би можела да преземе водечка улога во оваа област ако на американските компании им биде дозволено да инвестираат во изградба на центри за податоци во странство.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Бундесбанк предупредува: Германија очекува силно зголемување на инфлацијата на почетокот на 2027 година

„Не дозволуваме центрите за податоци да одат во други земји, бидејќи Кина ќе преземе сè. Нема да дозволиме тоа да се случи и ќе им изречеме огромни казни на компаниите што ќе се обидат да го сторат тоа“, рече Трамп.

Американскиот претседател ги повика граѓаните да ја поддржат изградбата на центри за податоци во нивните локални заедници, но и да бараат финансиски бенефиции и концесии за локалното население од инвеститорите.

„Треба да ги искористите бенефициите што ги носат центрите за податоци. Побарајте од нив да ви платат, да ја платат вашата заедница, но не ги отфрлајте“, рече Трамп.