Републиканскиот кандидат за претседател на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп изјави дека лидерите на Демократската партија направиле недемократски потег и го избркале Џозеф Бајден од претседателската трка, но дека сега тој и неговиот тим имаат „нова жртва да се победи – лажливата Камала Харис“.
На митинг во Шарлот, Трамп на своите приврзаници им порача дека Бајден се откажал од претседателската трка, затоа што губи според сите анкети, пренесува Voice of America.
Тој ја опиша Камала Харис како „ултралиберална движечка сила“ која треба да биде одговорна за имиграциската политика на администрацијата на Бајден.
„Како граничен комесар, Камала ги отвори нашите граници дозволувајќи им на 20 милиони илегални странци да влезат во нашата земја од целиот свет“, рече Трамп.
Поранешниот претседател ја опиша потпретседателката Харис како најлибералниот политичар некогаш избран во американската историја.
„Таа е лудача на радикалната левица, која ќе ни ја уништи државата ако некогаш биде избрана. Нема да го дозволиме тоа“, рече Трамп во Северна Каролина, една од неколкуте држави кои се сметаат за клучни за победата на претседателските избори на 5 ноември.