Во екот на бранот невообичаено високи температури и зголемена влажност на воздухот во Јапонија, властите во земјата денеска ги предупредија граѓаните на ризикот од топлотен удар во Токио и во областите на истокот и западот на земјата.
Топлотниот бран во Јапонија веќе предизвика неколку смртни случаи, поради што многу Јапонци решија да ги искористат новите , т.н. „Засолништа за ладење“ кои се отворени во Токио, пренесува Ројтерс.
Надлежните ги повикаа граѓаните да избегнуваат физичка активност, а Министерството за животна средина издаде највисок степен на предупредување.
Медиумите објавија дека во последните неколку дена десетици лица се хоспитализирани поради топлотен удар, наведувајќи дека има и смртни случаи како последица на топлотен удар, пренесува Танјуг.
Во градот Шизуока температурите во понеделникот достигнаа рекордни 40 степени целзиусови, додека во други области, вклучувајќи го и Токио, забележани се рекордно високи температури за овој период од годината.
TEPCO, главниот снабдувач на електрична енергија во Токио, беше принуден да купи струја од друга компанија за да се подготви за очекуваниот пораст на потрошувачката.
Јапонскиот министер за трговија Кен Саито денеска изјави дека владата внимателно ја следи ситуацијата и ќе ги преземе сите мерки за да обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија.