Никола Тодоров сепак ќе остане министер за здравство откако вчеранавечер нешто пред полноќ, Собранието со 56 гласа „против“ и 29 гласа „за“ не ја прифати интерпелацијата за неговата работа, поднесена од пратениците од опозицијата.
Тие побараа оставка на министерот Тодоров, поради, како што наведоа, несоодветното и нестручно управување со здравствениот систем и системски пропусти. Според интерпелацијата, Тодоров треба да си даде оставка поради смртта на неколку пациенти во измината година, нереализацијата на низа проекти, како и за заминувањето на околу 700 доктори од Македонија.
Пратениците од ВМРО¬-ДПМНЕ сметаа дека интерпелацијата е неоснована и без аргументи, а како аргумент ги посочија инвестициите реконструкција и изградба на здравствени објекти, набавката на современа медицинска опрема, проектите со кои е подобрена здравствената услуга на граѓаните, намалени цени на лекови и вработен е медицински кадар.