Талибанците ја прославија третата годишнина од враќањето на власт во Авганистан

Сподели со своите пријатели

Талибанците денеска ја прославија третата годишнина од враќањето на власт во Авганистан во поранешната американска воздухопловна база Баграм.

Loading...

Членовите на талибанскиот кабинет ги пофалија достигнувањата како што се зајакнувањето на исламското право и воспоставувањето воен систем кој обезбедува „мир и безбедност“, пренесе АП.

Говорите беа наменети за меѓународна публика, со повици за враќање на дијаспората и за комуникација и соработка на Западот со владетелите на земјата.

„Исламскиот емират ги елиминира внатрешните разлики и го прошири опсегот на единство и соработка во земјата“, рече вицепремиерот Маулви Абдул Кабир, користејќи го терминот што Талибанците го користат за да ја опишат нивната влада.

Тој нагласи дека никој нема да смее да се меша во внатрешните работи на Авганистан и дека авганистанската почва нема да се користи против која било друга земја.

Парадата во Баграм е најголемата откако Талибанците повторно ја презедоа контролата врз Авганистан во август 2021 година.

Публиката од околу 10.000 мажи вклучуваше високи талибански функционери како што се вршителот на должноста министер за одбрана Мула Јакуб и вршителот на должноста министер за внатрешни работи Сираџудин Хакани.

Врховниот водач Хибатула Ахунџада не беше на парадата, а на жените им беше забрането да присуствуваат.

Loading...

Талибанците соопштија дека имало и странски дипломати, но не прецизираа кој од нив.