Поради заканата од Иран по животот на Доналд Трамп, американската тајна служба ја зголемила безбедноста на поранешниот американски претседател пред атентатот во саботата, објави Асошиејтед прес (АП), цитирајќи двајца американски претставници.
Според агенцијата, иранската закана не е поврзана со атентатот на Трамп за време на митинг во Пенсилванија.
Откако дознала за заканата, администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден ги информирала високите функционери на Тајната служба, велат изворите, кои разговарале со АП под услов да останат анонимни.
Тие додаваат дека информацијата била споделена со главниот агент во обезбедувањето на Трамп како и со изборниот штаб на републиканскиот претседателски кандидат.
Тоа ја поттикна Тајната служба да ги зголеми ресурсите за безбедноста на Трамп.
Дополнителните ресурси не го спречија нападот во саботата, при што Трамп беше повреден, еден учесник на митингот беше убиен, а двајца други беа тешко повредени, јавува Гласот на Америка.
Осомничениот вооружен напаѓач, 20-годишниот Томас Метју Крукс, пукал со автоматска пушка од покривот на блиската зграда и бил убиен од агенти на тајната служба.
Покривот од кој беше застрелан Трамп никој не го обезбеди и тоа е „огромен неуспех на Тајната служба“.
„Како што кажавме многу пати, со години ги следиме иранските закани кон поранешните функционери на администрацијата на Трамп. Тие закани се резултат на желбата на Иран да се одмазди за убиството на Касем Сулејмани. Сметаме дека ова е приоритетно прашање на националната и внатрешната безбедност“, изјави портпаролката на Советот за национална безбедност Адриен Вотсон.
Во 2020 година, Трамп нареди атентат на Сулејмани, водачот на силите Кудс на иранската гарда на Исламската револуција.
Официјални лица на американските федерални служби, исто така, предупредија на можни слични напади или одмазда по обидот за атентат врз Трамп, а безбедноста на американскиот претседател Џозеф Бајден е зголемена, а Тајната служба почна да го штити независниот кандидат на изборите Роберт Ф. Кенеди, пренесува Танјуг.