Во Појасот Газа е регистриран првиот случај на детска парализа од тип 2 во последните 25 години, а 10-месечно бебе се разболе, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО), апелирајќи за итна вакцинација на сите бебиња против болеста во палестинската енклава.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, во соопштение рече дека парализата на 10-месечното бебе го зафатила долниот дел од левата нога и дека моментално е во стабилна состојба.
СЗО објави дека на крајот на овој месец и во септември треба да започнат две рунди вакцини против детска парализа во Појасот Газа, објави Ројтерс, пренесе Танјуг.
Полиомиелитис тип 2 се јавува во области со ниски стапки на вакцинација против детска парализа.
Агенциите на Обединетите нации повикаа на седумдневна хуманитарна пауза во судирите меѓу Израел и Хамас за да се спроведе вакцинација против детска парализа во Појасот Газа.
Шефот на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, Филип Лаџарини денеска во објава на Платформата Х предупреди дека одложувањето на хуманитарната пауза во конфликтот го зголемува ризикот од ширење на полио.
Министерството за здравство на Газа, контролирано од Хамас, првпат пријави случај на детска парализа кај невакцинирано 10-месечно бебе пред една недела во градот Деир Ал Балах во централниот дел на Појасот Газа.
На 16 август Хамас го поддржа барањето на ОН за седумдневна пауза во борбата за вакцинирање на децата во Појасот Газа против детска парализа, изјави денеска претставникот на политичкото биро на Хамас, Изат ал Ришк.
Израел најави дека ќе го олесни трансферот на вакцини против детска парализа во Газа за околу еден милион деца.