Шефот на Светската здравствена организација во вторникот изјави дека е загрижен поради долготрајните проверки на конвоите со медицински материјали во Појасот Газа и притворањето на здравствените работници откако таков инцидент доведе до смрт на критично болен пациент.
Во објава на социјалната платформа Х, Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека мисијата предводена од СЗО во болницата Ал-Ахли во Газа била запрена двапати во саботата на контролниот пункт Вади Газа, кој е управуван од израелските сили, на пат кон северна Газа и на враќањето.
Тој рече дека некои вработени од Палестинската Црвена полумесечина исто така биле приведени во двата наврати.
– Длабоко сме загрижени поради долготрајните проверки и притворање на здравствените работници кои ги загрозуваат животите на и онака кревките пациенти – рече Тедрос.
Мисијата префрли 19 критични пациенти и достави хируршки материјали на 1.500 пациенти во болницата Ал-Ахли, која претрпе значителна штета од избувнувањето на конфликтот меѓу Израел и Хамас во октомври.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека двајца вработени во палестинската Црвена полумесечина биле задржани повеќе од еден час на пат кон болницата.
– Персоналот на СЗО видел како еден од нив бил принуден да клекне под закана со пиштол, а потоа бил одземен од видното поле, каде што наводно бил малтретиран, тепан, соблекуван и претресен – се наведува во соопштението.
Yesterday, @WHO and partners in #Gaza managed to deliver essential trauma and surgical supplies to Al-Ahli hospital to cover the needs of 1500 people, and to transfer 19 critical patients.
This was another very high-risk mission in the vicinity of active shelling and artillery… pic.twitter.com/NBihupJMMS
— Tedros Adhanom Ghebreyesus (@DrTedros) December 10, 2023
Кога конвојот навлегуваше во градот Газа, камион со медицински материјали и брза помош беа погодени со куршуми, соопшти СЗО.
При враќањето на конвојот, Тедрос рече дека некои пациенти и здравствените работници од Црвената полумесечина добиле инструкции на контролен пункт да ја напуштат брзата помош за да бидат идентификувани.
– Некои здравствени работници беа приведени и испрашувани неколку часа. Поради притвор почина еден пациент – изјави Тедрос.
Здравствените работници биле приведени во претходните мисии во здравствените установи во Газа.
На 18 ноември шест лица беа приведени за време на мисијата предводена од СЗО за пренесување на пациенти од болницата Ал-Шифа. Четири од тие луѓе остануваат во притвор, соопшти СЗО.