Американски федерален судија ја блокираше администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да спроведе политика што им го отежнува доаѓањето или престојот на имигрантите од десетици земји во САД.
Политиката, која беше воведена по минатогодишниот вооружен напад во кој една гардистка го загуби животот, „категорично им забранува“ на имигрантите од 39 земји од Африка, Азија, Латинска Америка и Блискиот Исток да добиваат конечни одлуки во врска со нивниот статус на азил, работни дозволи, зелени карти и апликации за државјанство, се тврди во пресудата.
Во пресудата во која остро ја критикуваше американската републиканска администрација, федералниот окружен судија Џон Меконел утврди дека спорната политика „ги фрла животите на безброј имигранти што живеат во САД во правна неизвесност чиј крај не може да се утврди“.
Меконел, исто така, ги критикуваше федералните служби за државјанство и имиграција (USCIS) за игнорирање на законот.
„Спроведувајќи ја својата најнова политика за имиграција, USCIS си ги присвојува законските и регулаторните овластувања што не ги поседува, донесува одлуки без разумни објаснувања што мора да ги даде, дејствува без да ги земе предвид интересите на апликантите што мора да ги разгледа и ги оправдува своите постапки под изговор на „национална безбедност“ зад која се кријат антиимигрантски чувства, чие влијание е забрането“, напиша судијата.
Тој додаде дека „од правна гледна точка, ова значи дека постапките на USCIC се спротивни на законот, засновани на произволност и каприцизам“.
„Пресудата го потврдува фундаменталниот принцип дека федералната влада не може да ги затвора легалните патишта за имиграција или да дискриминира луѓе врз основа на нивното потекло“, рече претседателот и извршен директор на „Демократија напред“, Скај Периман.

