Движење ЗНАМ – За наша Македонија денеска обвини дека Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) нема кредибилитет да зборува за правда и враќање на Никола Груевски, посочувајќи дека токму тие, како што тврдат, овозможиле негово бегство од одговорноста.
На денешната прес-конференција, пратеникот од редовите на ЗНАМ, Даниел Стојчевски, изјави дека „СДСМ зборува за враќање на Груевски и за правда“, но праша „имаат ли тие кредибилитет да зборуваат за правда?“.
Стојчевски оцени дека реториката што ја користат СДСМ и Венко Филипче „не е повик за правда, туку обид да се избрише колективното паметење на граѓаните и да се наметне една нова, удобна ‘вистина’“.
„Сведоци сме на уште еден обид за груба политичка манипулација од страна на СДСМ. СДСМ денес зборува за враќање на Никола Груевски и за правда. Но суштинското прашање е – имаат ли тие кредибилитет да зборуваат за правда?“, рече Стојчевски.
Тој упати повеќе прашања до раководството на СДСМ, меѓу кои и дали е точно дека во вила на Водно, во периодот пред парламентарните избори во 2024 година, се одржала средба на која, според него, се разговарало за враќање на Груевски во државата „под одредени услови, во замена за негова амнестија“.
„Дали е точно дека во вилата на Водно се одржала работна средба во периодот пред парламентарните избори во 2024 година, на која се разговарало за враќањето на Никола Груевски во државата под одредени услови, во замена за негова амнестија?“, праша Стојчевски.
Во своето обраќање, тој ги спомена и Зоран Заев, Бојан Маричиќ, Оливер Спасовски, Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи и Стево Пендаровски, прашувајќи дали тие имаат сознанија за наводните разговори и процеси.
Стојчевски го отвори и прашањето за измените на Кривичниот законик, тврдејќи дека треба да се утврди дали е вистина дека „од Будимпешта до Бихаќка бил испратен УСБ стик со измени на Кривичниот законик, конкретно на членот 353“.
„Исто така, го прашуваме раководството на СДСМ, дали е вистина дека од Будимпешта до Бихаќка бил испратен УСБ стик со измени на Кривичниот законик, конкретно на членот 353, со кои практично се овозможи општа амнестија за кривичните дела на Груевски“, изјави Стојчевски.
Тој додаде дека ставот на ЗНАМ останува непроменет и дека, како што рече, „не правиме разлика меѓу ‘ваши’ и ‘наши’“ и „не делиме правда по партиска линија“.
„Веруваме во држава во која законот важи еднакво за сите. И секој кој се огрешил пред законот, без разлика дали станува збор за Никола Груевски, Артан Груби, Зоран Заев или Венко Филипче, мора да одговара пред институциите“, рече Стојчевски.
На новинарско прашање за шпекулациите дека би можел да ја напушти пратеничката група, по примерот на пратеникот Миле Цеков, Стојчевски ги отфрли таквите информации.
„Тоа се шпекулации. Гледате зад кој пулт стојам. Јас сум актуелен Претседател на општинската организација на Движењето ЗНАМ во Куманово, дел од пратеничката група на Движењето ЗНАМ и стојам денеска пред вас и самите можете да заклучите каде припаѓам. Ќе продолжам и во наредниот период да делувам во тој контекст“, изјави Стојчевски.

