Русија и САД одржаа „конструктивни разговори“ во Истанбул, а официјалните лица се договорија да одржат уште една средба во блиска иднина, соопшти Стејт департментот.
Делегацијата на САД на собирот во Истанбул во четвртокот ја предводеше заменик-помошникот државен секретар Соната Култер, а руската делегација директорот на Северноатлантскиот оддел во Министерството за надворешни работи Александар Дарчиев.
„Заменик-помошникот секретар Култер и амбасадорот Дарчиев се согласија да одржат последователен состанок за овие прашања во блиска иднина, со датум, локација и претставници кои треба да се утврдат“, соопшти Стејт департментот.
САД, исто така, изразија загриженост за пристапот до банкарските и договорните услуги, како и потребата да се обезбеди стабилно и одржливо ниво на персонал во американската амбасада во Москва, пишува Си-Ен-Ен.
Се наведува дека двете страни идентификувале конкретни првични чекори за стабилизирање на билатералните односи во овие области.
Средбата се одржала во американскиот конзулат во Истанбул и траела 6,5 часа, а за Украина немало никаков разговор.