Нема прогрес таму каде што имате уценети, тепани или затворани новинари. Институционалната репресија или насилништвото – независно од каде доаѓа, не се инструменти на напредокот ,туку инструменти на тоталитаризмот, на диктатурата, какво и да е пакувањето во кое тие ни се нудат, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на конференцијата на тема: „ Безбедноста и слободата на новинарите во Македонија“, организирана од Здружението на новинарите на Македонија, а која се одржа денеска во Клубот на новинари.
Како министер за внатрешни работи, можам без никаква резерва да ја истакнам решителноста на МВР да се испочитуваат сите законски обврски и должности на институцијата во поглед на безбедноста во вршењето на новинарска дејност и истовремено да ја нагласам решителноста на МВР во расчистувањето на многуте досегашни случаи на вербални и физички напади врз новинарите, потенцираше министерот Оливер Спасовски.
Како што рече министерот Спасовски, сведоци сме, особено последниве две три години, дека тој евидентен притисок врз новинарството и пред се кон новинарите – кулминира, изразувајќи се и преку мноштвотото како вербални така и физички напади врз новинарите. Сето тоа, впрочем, прецизно нотирано и во сите релевантни извештаи на нашите партнери од ЕУ и САД, еве веќе неколку години наназад, ја динамизираше таа атмосфера на несигурност и страв меѓу припадниците на новинарската фела, предизвикувајќи натамошна деградација на новинарската професија и ускратувајќи ја јавноста, т.е граѓаните и општеството во целост, од клучните атрибути на отчетност, транспарентност, веродостојност.
Штетата е многу голема, но не и непоправлива, истакна Спасовски.