Со зурли, тапани и греена ракија по 21 пат членовите на здружението на граѓани „Коледари“ денеска пред платото на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ го одбележаа Бадник.
Стотина граѓани излегоа да го прослават големиот христијански празник во центарот на Куманово.
Најпрвин беа на литургија во храмот „Свети Никола“ од каде со музика пристигнаа пред Центарот за култура, каде продолжи одбележувањето на празникот.
Овогодинешни кумови на прославата се членовите на Мото клубот „Мечки“.
– Ние сме дел од сите убави традиции и случувања во овој град, имаме големо задоволство и чест што Коледарите не поканија токму ние да бидеме кумови на оваа манифестација да се придружиме на традицијата и дружбата. Семејно дома го чествуваме празникот со сите православни обичаи, ова си е посебна дружба што ја одбележуваме на свој начин, велат од мото клубот „Мечки“.
Бобан Доневски од на здружението „Коледари“ кои се организатори, вели дека радува фактот што и младите стануваат дел од оваа традиционално чествување на празникот.
– Сакавме оваа традиција да ја продолжиме. Ние од млади Коледари станавме како едно тело сите, многу сме задоволни што сите дојдоа. Оваа година кумови се Мото клубот „Мечки“, тоа е на некој начин млада екипа која сака да ја продолжи традицијата во Куманово, изјави Доневски.
На денешната прослава беа поделени и бадниковите гранчиња, кои пред десетина дена здружението ги набра во месноста Забел, а за присутните граѓани имаше и греена ракија, чај и вино.