Со општонародна веселба во манастирскиот комплекс „Света Троица“ во селото Скачковце вчера беше одбележана манастирската слава Света Троица, еден од најзначајните христијански празници.

Свеченостите започнаа со света архиерејска богослужба со која чиноначалствуваше митрополитот Кумановско-осоговски, Неговото Високопреосвештенство г. Григориј.

По богослужбата следуваше литија низ манастирскиот комплекс, а празнувањето продолжи со народно оро и културно-уметничка програма во која учествуваа членови на фолклорни ансамбли.

На народниот собир присуствуваше и градоначалникот на Општина Куманово, кој годинава беше кум на манастирската слава.

Голем број верници и гости од Куманово и околните места учествуваа во одбележувањето на празникот.
Манастирот „Света Троица“ во Скачковце се наоѓа на рид над селото, на околу 12 километри од Куманово.

Комплексот е осветен во 2001 година и со текот на годините прерасна во едно од најпосетуваните православни светилишта во кумановскиот регион.
Во неговиот состав има конак, импозантен крст, камена кула, библиотека и повеќе содржини кои привлекуваат посетители од целата држава.

Света Троица, односно Педесетница или Духовден, се празнува педесет дена по Велигден и го симболизира слегувањето на Светиот Дух врз апостолите.

Во православната традиција овој празник се смета за ден на раѓањето на Христовата црква и претставува симбол на духовното единство, верата и заедништвото меѓу луѓето.

Празникот традиционално се одбележува во повеќе кумановски села, а манастирот „Света Троица“ во Скачковце и годинава беше место каде што се собраа верници и гости за заедничка молитва, дружење и негување на духовните и културните вредности.






Никола Ивановски

