Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, денеска во Брисел, пред почетокот на седницата на Советот за надворешни работи на ЕУ, потврди дека нејзината земја ќе учествува во мисијата на ЕУ за обука на украински војници.
Фајон најави и дека за време на седницата ќе ги потсети колегите дека „Западен Балкан не смее да се заборави“, пренесе агенцијата СТА.
Шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ денеска ќе разговараат за натамошната помош за Украина во светло на руската воена операција, а се очекува и официјално да започнат мисија на територијата на ЕУ за обука на украински војници.
Оваа мисија за помош на Европската унија во Украина ќе обезбеди обука на индивидуално ниво и на ниво на единица до големината на бригадата, а планирана е и обука за специјална единица.
По пристигнувањето во Брисел, Фајон во изјава за СТА потврди дека нејзината земја ќе учествува во мисијата на ЕУ, но прецизираше и дека Словенија нема да биде домаќин на мисијата бидејќи обуката најверојатно ќе се одржи во Полска и други земји.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.