Кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин испратија пораки по повод 78-годишнината од основањето на Северна Кореја за да ги потврдат блиските стратешки врски со Пјонгјанг, објави денес севернокорејската државна новинска агенција КЦНА.
КЦНА објави дека Си Џинпинг му рекол на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун дека е подготвен да „продолжи да го зајакнува стратешкото водство“ на односите меѓу Кина и Северна Кореја и да соработува со Ким за да го промовира развојот на двете земји, објавува Ројтерс.
Си Џинпинг, исто така, рече дека зајакнувањето и развојот на билатералните врски останува „доследна и непоколеблива политика“ на владејачката партија и влада на Кина.
Во посебна порака, Путин рече дека ќе продолжи со „најблиската заедничка работа“ со Ким Џонг Ун, со цел дополнително да се зајакне сеопфатното стратешко партнерство меѓу двете земји.
Тој рече дека посилните врски меѓу Русија и Северна Кореја ќе придонесат за регионалната безбедност и за „пофер, мултиполарен светски поредок“.
Пораките на Си Џинпинг и Путин беа објавени на насловната страница на весникот на владејачката Работничка партија на Северна Кореја „Родонг Синмун“.
KCNA објави дека, по повод годишнината од основањето на Северна Кореја, која се слави денес, Ким Џонг Ун добил честитки од лидерите на неколку други земји, вклучувајќи ги Виетнам, Лаос, Камбоџа, Монголија, Шведска, Белорусија, Сингапур, Швајцарија и Зимбабве, пренесува Танјуг.

