Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека е уверен оти неговата посета на Русија ќе послужи за понатамошно зајакнување на стратешкото партнерство меѓу двете земји и ќе придонесе за зачувување на глобалната стратешка стабилност.
„За време на посетата, ќе се сретнам со претседателот Путин за детална размена на мислења за билатералните односи, практичната соработка и важните меѓународни и регионални прашања од заеднички интерес, со цел силно да се поттикне развојот на сеопфатно стратешко партнерство и соработка меѓу Кина и Русија во новата ера“, го цитираше кинеското Министерство за надворешни работи Си Џинпинг во писмено соопштение објавено по неговото пристигнување во Москва, пренесува Интерфакс.
Кинескиот претседател нагласи дека Кина и Русија ќе „соработуваат за да ги зачуваат достигнувањата од победата во Втората светска војна, цврсто да го поддржуваат меѓународниот поредок заснован на меѓународното право, да се спротивстават на хегемонијата и политиката на моќ, да практикуваат вистински мултилатерализам и да промовираат изградба на пофер и поразумен систем на глобално управување“.
Претходно беше објавено дека кинескиот претседател Си Џинпинг пристигна во Москва во официјална посета што ќе трае до 10 мај.
За време на официјалната посета, се очекува Си да разговара со рускиот претседател Владимир Путин и да учествува на настани посветени на 80-годишнината од Победата над фашизмот, пренесува Интерфакс.
Прес-службата на Кремљ објави дека за време на разговорите меѓу лидерите на Руската Федерација и Кина „ќе бидат разгледани главните прашања за понатамошен развој на односите на сеопфатно партнерство и стратешка интеракција, како и актуелни прашања од меѓународната и регионалната агенда“.
„Планирано е потпишување на цела низа билатерални меѓувладини и меѓуресорски документи“, се вели во соопштението на Кремљ.
За време на приватните разговори денес, 8 мај, Путин и Си Џинпинг ќе разговараат за Украина, односите Москва-Вашингтон и прашања „кои сметаат дека е потребно да се разгледаат“, изјави помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков.
Исто така, за време на преговорите ќе бидат разгледани сите економски и енергетски прашања, вклучително и темата за гасоводот „Моќта на Сибир-2“, истакна Ушаков.
По разговорите, „ќе бидат усвоени заеднички изјави на лидерите“.