Градоначалникот на Општина Куманово и претседател на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, упати честитка по повод 8 Септември – Денот на независноста, по повод 35-годишнината од осамостојувањето на Македонија.
„Со должна почит и чувство на гордост, денеска го одбележуваме јубилејот – 35 години од осамостојувањето на независна и суверена Македонија. Овој значаен датум е резултат на вековниот стремеж, трудот, пожртвуваноста и истрајноста на многу генерации, кои се бореле за слободна и самостојна држава.
Наша обврска денес е да го чуваме и надградуваме тоа наследство, останувајќи сплотени и единствени, посветено чекорејќи по патот на развојот, напредокот и подобар живот за сите граѓани. Да градиме општество засновано врз солидарност, заедништво, меѓусебно разбирање и почитување, во кое општото добро ќе биде заедничка цел на сите нас.
Со храброст и одговорност треба да продолжиме по патот на просперитетот, создавајќи услови за економски напредок и реализирајќи квалитетни проекти, што ќе придонесат за поквалитетен живот на граѓаните. Наша цел е да обезбедиме сигурна и стабилна иднина за генерациите што доаѓаат.
Денес со гордост одбележуваме 35 години од независноста на Македонија, три и пол децении исполнети со предизвици, истрајност и стремеж кон напредок. Овој значаен јубилеј нè потсетува на вредноста на слободата, државноста и заедништвото, како темели врз кои градиме посигурна иднина за сите.
Општина Куманово останува посветена на реализацијата на поставените цели и на својата јасна визија за развој на градот, во интерес на добробитта и благосостојбата на сите наши граѓани.
Нека ни е честит и вековит 8 Септември – Ден на независноста на Македонија!“ – стои во честитката на Димитриевски.

