„Да ја чуваме слободата што ни ја оставија претходните генерации. Да не заборавиме дека најголемата сила на една држава е во самите луѓе“, порача градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, во своето обраќање по повод 8 Септември – Денот на независноста на Македонија.
Одбележувањето на 35 години независност, според Димитриевски, треба да биде не само потсетување на историскиот пат до создавањето на самостојна држава, туку и можност за преиспитување на одговорноста што ја имаат денешните генерации во нејзиното градење.
Тој порача дека независноста носи обврска за зачувување на државата, негување на демократските вредности и создавање општество во кое секој граѓанин ќе има место, можности и перспектива.
„Независноста беше и останува голема обврска. Обврска да ја чуваме државата, да ги негуваме демократските вредности, да ги почитуваме различностите и да градиме општество, во кое секој граѓанин ќе има свое место, можности и перспектива“, истакна Димитриевски.
Во говорот, тој посебно ја нагласи потребата од единство и надминување на поделбите, оценувајќи дека различностите треба да бидат сила, а не причина за меѓусебно дистанцирање.
„Нашата сила е во заедништвото. Нашето богатство е во различностите. Нашата иднина е во способноста да градиме мостови, а не поделби. Да создаваме можности, а не пречки“, порача градоначалникот.
Димитриевски се осврна и на потребата младите да имаат причина својата иднина да ја градат во Македонија. Како што истакна, развојот на државата мора да значи создавање реални можности, вреднување на трудот и достоинствен живот за граѓаните.
„Потребно ни е да гледаме кон иднината со надеж, но и со одговорност. Да создаваме услови младите да ја гледаат својата перспектива овде, во својата држава. Да градиме општество во кое трудот се вреднува, во кое солидарноста се почитува и во кое секој човек има можност за достоинствен и подобар живот“, рече Димитриевски.

Посебен дел од обраќањето посвети на Куманово, град кој, според него, со својата различност и заедништво треба да биде пример и во иднина.
„Куманово отсекогаш било пример за град во кој се среќаваат различни култури, традиции и луѓе, но во кој заедништвото секогаш било посилно од разликите“, истакна Димитриевски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа останува посветена на создавање модерен и перспективен град, во кој ќе има простор за инвестиции, развој, култура, образование и нови идеи.
„Наша должност е да продолжиме да градиме град, во кој секој ќе се чувствува достоинствено, сигурно и рамноправно. Град во кој ќе има простор за нови идеи, инвестиции, развој, култура, образование и напредок“, порача тој.

Димитриевски во своето обраќање се осврна и на значењето на јубилејот, посочувајќи дека 35 години независност се период во кој повеќе генерации со својата работа, знаење и посветеност придонесувале за развојот на државата.
„Триесет и пет години независност се три и пол децении исполнети со истрајност и посветеност во градењето на сопствена и демократска држава“, рече Димитриевски.
Според него, годишнината треба да биде и потсетник дека иднината не се гради со поделби, туку со заедничка посветеност кон државата и заедничкото добро.
„Нека 35-годишнината од независноста биде потсетник дека само обединети и посветени на заедничкото добро можеме да продолжиме да градиме стабилна, успешна и просперитетна Македонија“, порача Димитриевски.
Во завршницата од честитката, градоначалникот од свое име и од името на Советот на Општина Куманово го честиташе 8 Септември – Денот на независноста на Македонија.
Никола Ивановски

