Шпанските тимови за итни случаи и пожарникарите продолжуваат да се борат за да ги локализираат веќе стабилизираните шумски пожари во Авила, Мадрид и Толедо, со цел да се спречи нивно повторно разгорување, додека активните пожари во Кастелон, Замора и Тарагона се следат, кои не се под контрола, објави денес шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде Марласка.
Марласка изјави дека пожарите во Авила и Мадрид се „технички стабилизирани“, но дека пожарот во Кастелон е сè уште надвор од контрола, додека пожарот во Замора, во регионот Кастиља и Леон на северозапад од земјата, резултираше со евакуација на населението од вкупно 14 општини, објавува EFE.
Поради пожарот во Замора, кој е сè уште надвор од контрола, во текот на ноќта жителите на два други града, Вилар дел Буе и Пасариегос, мораа да бидат евакуирани.
Пожарникарите се особено загрижени за ветерот, за кој се очекува да се засили во текот на попладневните часови.
Пожарот што избувна минатата сабота во општината Вал д’Уиксо во Кастелон трае веќе шести ден и сè уште не е под контрола.
Се очекува воздухопловните сили повторно да се приклучат на напорите за гаснење на пожарот, кој изгоре 9.300 хектари и е со обем од 84 километри.
Повеќе од 40 копнени единици се вклучени во гаснењето на пожарите во областа околу Мадрид.
Хеликоптер „суперпума“, противпожарни возила и членови на Одделот за вонредни ситуации на Министерството за внатрешни работи на Србија се едни од неколкуте странски тимови што помагаат во гаснењето на пожарите во Шпанија како дел од Механизмот за цивилна заштита на Европската унија.

