Шолц: Хрватска, Романија и Бугарија ги исполнуваат условите за влез во Шенген

Сподели со своите пријатели

Членките на Европската унија, Хрватска, Романија и Бугарија ги исполнуваат условите за влез во Шенген, а Германија ќе работи на тоа да станат полноправни членки на безграничната област, изјави во понеделникот во Прага германскиот канцелар Олаф Шолц, јавуваат агенциите.

Loading...

„Шенгенот е едно од најголемите достигнувања на Европската унија и ние треба да го заштитиме и развиваме. Тоа значи, патем, затворање на преостанатите празнини“, рече Шолц во својот говор насловен „Европа е нашата иднина“ на Универзитетот Карл.

„Хрватска, Романија и Бугарија ги исполнуваат сите технички услови за полноправно членство. Ќе работам на тоа тие да станат полноправни членки“, додаде Шолц, кој е во еднодневна посета на Чешка, актуелен претседател на ЕУ.

Шолц, исто така, рече дека Германија ќе продолжи да ја поддржува одбраната на Украина се додека е потребно, и ќе испрати најсовремено оружје во Киев во наредните недели.

Освен испраќање напредна противвоздушна одбрана, радарски системи или беспилотни летала, Германија би можела да преземе посебна одговорност во однос на градењето на артилериските и воздушните одбранбени капацитети на Украина, рече Шолц.

Зборувајќи за проширувањето на Европската унија, Шолц ја истакна посветеноста на Германија за проширување, додавајќи дека земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и на крајот Грузија треба да се приклучат на блокот.

Тој, исто така, нагласи дека се залага за воведување мнозинско гласање во Европската унија за прашања од надворешната политика и даночната политика со цел да се спречи блокот да биде парализиран од ветото на поединечни држави, особено во светло на проширувањето кон нови членки.

„Во таа проширена Унија, разликите меѓу земјите-членки ќе растат во однос на политичките интереси, економската моќ и системите за социјално осигурување“, рече Шолц, пренесе Ројтерс.

Loading...

„Онаму каде што е потребна едногласна одлука денес, ризикот дека една земја ќе го искористи своето вето и ќе ги спречи сите други да се движат напред се зголемува со секоја дополнителна земја-членка. Затоа, предложив постепена транзиција кон мнозинско гласање во заедничката надворешна политика, но и во други области, како што е даночната политика – добро знаејќи дека тоа ќе има последици и за Германија“, додаде тој.

Гласањето на мнозинството би можело да започне во области „каде што е особено важно да зборуваме во еден глас“, како што се политиката на санкции или прашањата за човековите права.