Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека ништо не може да влијае на Германија да ги прекрши ветувањата за поддршка на Украина и изрази изненадување од извештаите дека Берлин има намера да ја намали воената помош за Киев.
Тој потврди дека следната година германската влада планира да одвои четири милијарди евра за воена поддршка на Украина и посочи дека оваа сума е поголема од издвојувањето на која било друга европска земја, пренесува Униан.
Шолц потсети дека според одлуката на земјите од Г7, Украина ќе добие заем од 50 милијарди евра од приходот од конфискуваниот имот на Руската Федерација и додаде дека со овие пари официјален Киев ќе може да купи оружје.
Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ претходно објави дека Германија „остро ја намалува“ воената помош за Украина и дека Берлин, наводно, веќе престанал да плаќа за поправка на германската опрема оштетена во Украина.
Весникот наведува дека во нацрт-буџетот за следната година Германија сака да ја преполови распределбата за Украина.