Секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу денеска го посети Пјонгјанг, каде што беше примен од севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, соопшти рускиот Совет за безбедност.
Соопштено е дека денеска во Пјонгјанг престојува руска делегација предводена од Шојгу, а на средбите одржани по тој повод се разговарало за прашања од билатералната и меѓународната агенда, пренесува РИА Новости.
Состаноците во Пјонгјанг се одвиваа во крајно доверлива, пријателска атмосфера во согласност со договорите меѓу лидерите на двете земји кои беа постигнати за време на државната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Пјонгјанг во јуни 2024 година, се наведува во соопштението, пренесува Танјуг.
Беше наведено и дека ќе дадат важен придонес во имплементацијата на одредбите од билатералниот Сеопфатен договор за стратешко партнерство што двете земји го потпишаа претходно.