Шојгу: Партнерството со Кина има стабилизирачко влијание

Сподели со своите пријатели

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во вторникот му рекол на својот кинески колега дека воената соработка на нивните земји е „стабилизирачка“ сила во светот и помогнала да се намалат шансите за конфликт, пренесоа руските новински агенции, пренесува Ројтерс.

Loading...

Кина се појави како најважен меѓународен партнер на Русија во 14-те месеци откако Москва ја нападна Украина.

Кинескиот министер за одбрана Ли Шангфу моментално е во Москва додека двете земји се обидуваат да ја продлабочат својата воена соработка, што предизвика загриженост на Западот.

„Координирањето на нашите напори на меѓународната арена има стабилизирачки ефект врз глобалната ситуација и помага да се намали потенцијалот за конфликт“, изјави Шојгу за Ли во вторникот, пренесе новинската агенција Интерфакс.

Шојгу рече дека е важно двете земји да ги координираат напорите на глобалната сцена и изрази уверување дека програмата за заеднички воени вежби ќе биде проширена.

Ли во неделата го посети претседателот Владимир Путин.

Да потсетиме дека кинескиот претседател Си Џинпинг минатиот месец ја посети Москва како поддршка на Путин, неколку дена откако Меѓународниот кривичен суд повика на апсење на рускиот лидер под сомнение дека извршил воени злосторства во Украина.