Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија најостро ја осудува нарачаната бруталност и пречекорување на овластувањата на полициските структури на Никола Груевски и Сашо Мијалков врз граѓаните на Република Македонија, не само на ова место, пред владата, туку и низ улиците на главниот град, истакна денес Петре Шилегов во изјава дадена пред Владата на РМ.
Според СДСМ, тоа што било очигледно е што за неколку минути пред 22:00 часот, власта ги собрала полициските и параполициските структури пред зградата на владата и испровоцира инцидент со граѓаните.
Се уште не се знае бројот на претепани, повредени, и приведени граѓани. Полициските структури, по нарачка на Груевски, тепаа млади, студенти, жени, недолжни граѓани. Приведени беа дури и граѓани коишто мирно седеа на улиците со кренати раце. Целата оваа операција, за употреба на безмилосна сила врз граѓаните, е смислена во домот на Никола Груевски во којшто вчера, во попладневните часови, пристигнаа Сашо Мијалков и Мартин Протуѓер.
Потоа, нарачаниот план е задолжена да го спроведува Гордана Јанкулоска, која од лице место, пред зградата на Владата, командуваше со насилството врз сопствените граѓани.
Со вчерашната наредба да се употреби сила врз народот, на протест на којшто граѓаните искажаа револт против криењето на убиството на Мартин Нешковски, Груевски по втор пат се обиде да ја убие вистината за овој случај. Целосната одговорност за безмилосното тепање на граѓаните е кај Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и нивните извршители во структурите на МВР. Никола Груевски избра како ќе си замине. Со вчерашната брутална полициска акција Никола Груевски го избра патот на тепање на сопствените граѓани, по примерот на диктаторите како Милошевиќ, Чаушеску, Лукашенко., изјави Шилегов.