Севернокорејското Министерство за надворешни работи соопшти дека Пјонгјанг ќе ги зајакне своите нуклеарни сили и ги критикуваше САД дека се обидуваат да го спречат тоа, објавија севернокорејските државни медиуми.
Министерството, одговарајќи на неодамнешната заедничка изјава на Јужна Кореја, САД и Јапонија дека нивната цел е Северна Кореја целосно да биде ослободена од нуклеарно оружје, нагласи дека Пјонгјанг „доследно ќе се придржува до новата линија на зајакнување на нуклеарната сила“, објави КЦНА.
Во соопштението се вели дека Јужна Кореја, Јапонија и САД поттикнуваат конфронтации на Корејскиот полуостров.
Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја минатата недела соопшти дека трилатералната средба меѓу министрите за надворешни работи на Јужна Кореја и Јапонија и американскиот државен секретар Марко Рубио издаде силно предупредување до Пјонгјанг да престане со своите провокации и се закани со зајакнување на санкциите, објави Јонхап.