Не пишувајте пораки додека пешачите, не лајкнувајте фотографии од кучиња и не гледајте видеа – повредите поради мобилниот телефон се зголемуваат, особено кај младите луѓе, според анализата на повреди што ги натерале луѓето да бараат медицинска помош во САД.
Бројот на повреди на вратот, лицето, очите, носот, ушите и главата драстично се зголеми во текот на изминатите неколку години, а особено е важна употребата на мобилни телефони, особено поради пишување пораки за време на возењето или одење, пренесува Си-Ен-Ен.
Најчести повреди се раните на лицето и главата, проследени со контузии на мозокот, површни повреди на кожата и повреди на внатрешните органи, се вели во истражувањето спроведено од научници од колеџот Ратџерс на Универзитетот во Њу Џерси.
Повеќето луѓе, 94 проценти, не биле хоспитализирани откако биле санирани повредите.
Иако се чини дека овие повреди не треба да бидат причина за загриженост, авторите на истражувањето предупредуваат дека може да имаат долготрајни последици, како што се лузни.
Трошоците за санирање на повредите на лицето го чинат здравствениот систем на САД околу 3 милијарди американски долари годишно.
Оваа студија, чии резултати беа објавени во списанието „JAMA for Otorhinolaryngology“, е прва која ги проучува повредите на главата и вратот, наместо целото тело. Овие видови на повреди биле ретки до 2007 година, кога Apple го претстави првиот iPhone, по што тие драматично се зголемија.
„Иако популарноста на мобилните телефони и претходно растеше, нивните карактеристики беа ограничени и затоа беа со помала веројатност да го одвлекуваат вниманието во однос на денешните паметни телефони“, велат авторите на истражувањето.