Се подготвува масовна акција против дивите препродавачи во Куманово (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово, заедно со повеќе државни институции, подготвува масовна акција против дивите препродавачи на неколку локации во градот, најави градоначалникот Максим Димитриевски.

Според него, проблемот со дивата продажба трае со години, а досегашните акции не дале посакувани резултати поради сложената координација меѓу надлежните институции.

– Одржавме заеднички состанок со сите менаџери во овие институции и усогласивме план, начин на работа и динамика којашто ќе отпочне и веќе се подготвува таква акција, но не можам јавно да соопштам кога ќе биде бидејќи ако ја соопштиме јавно кога ќе излеземе на лице место ќе видите дека таму ги нема и истата да не биде пробиена. Ќе бидат вклучени инспектори, претставници од сите институции од други градови, ќе се направи една масовна акција, изјави Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Викенд прогноза за Куманово: Сончево и топло, во недела засилен северен ветер

 

 

Тој посочи дека во акцијата ќе учествуваат Општина Куманово преку Комуналната инспекција, СВР Куманово, Државниот пазарен инспекторат, Агенцијата за управување со одземен имот и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Акцијата, како што најави ќе биде насочена кон најкритичните локации во градот.

– Мислам дека многу успешно во еден ден ќе ставиме крај барем на половина од овие диви продавачи со акцент на локации како што е локацијата спроти „Сателит“, локацијата спроти Градскиот пазар на „Трета Македонска“, дополнително кај Стариот градски парк, кај населба Средорек и кај паркот со Соколана. Тие се вообичаено најкритичните точки, рече тој.

Димитриевски посочи дека една од причините поради кои институциите досега не успевале да постигнат конкретни резултати е тоа што дивите продавачи, кога ќе забележат инспекциска контрола, ја преместуваат стоката на приватен имот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Пукал во стан во Куманово, приведени четири лица

– Кога нашите инспектори одат на лице место со полиција, во истиот момент тоа се дислоцира и влегува на приватен посед и вие веќе како општинска инспекција немате никаква надлежност, потребен ви е пазарниот инспектор. Кога ќе се јавите на пазарниот инспектор ви вели: „Извинете, јас сум на друга работна задача и не можам да ви овозможам асистенција“ и така натаму, секој на секого се вади, ние резултат конкретен немаме, изјави градоначалникот.

Димитриевски објасни дека постапката за одземање на стоката е сложена, особено кога станува збор за прехранбени производи, бидејќи законската процедура бара дополнителни анализи и вклучување на повеќе институции.

– Од моментот откако ќе се издаде решение за одземање на стоката, доколку е прехранбена стока, Агенцијата за одземен имот треба во истиот момент согласно законот да направи техничка исправност на храната со анализа, за која анализа се плаќа повеќе средства отколку што самата стока којашто се одзема вреди и тоа по секој артикл поединечно, рече Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Започна гасификацијата на спортската сала во Куманово (ФОТО)

Тој порача дека одговорност имаат и самите граѓани, кои со купувањето на вакви локации го поттикнуваат нелегалното работење.

– Да тргнеме и од нас самите, од граѓаните првенствено, дека многупати сите ние застануваме на тие локации и купуваме стоки без никаква фискална сметка на самото место, бидејќи сите ние сме навикнати да запрам со колата, да излезам од колата, да ја оставам тука, по можност не само да купам, и да испијам кафе, да се вратам во кола и да си заминам. Тоа се некои навики коишто треба да ги елиминираме сите, порача Димитриевски.

Никола Ивановски