Нафените деривоти од ноќеска на полноќ ќе се продаваат по повисоки малопродажни цени на бензинските пумпи низ Македонија.
Дизелот од ноќеска на полноќ поскапува за 3,5 денари за литар, а цената на бензините се зголемува за 1,5 денар – одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,62 отсто.
Новата максимална малопродажна цена на „евросупер БС-95“ ќе изнесува 93 денари за литар, „евросупер БС-98“ ќе се продава за 95, а „евродизелот БС (Д-Е V)“ 101,5 денар за литар. Со одлуката на РКЕ за два денари за литар се зголемува малопродажната цена на екстра-лесното масло за горење (ЕЛ-1) и ќе чини 100,5 денари, а „мазутот М-1 НС“ поскапува за 1,850 денар за килограм и ќе се продава за 45,576 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 3,795 отсто, кај дизелот за 4,842, кај екстра-лесното масло за 3,958 и кај „мазутот“ за 6,467 отсто. Курсот на денарот, пак, во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,5340 отсто.
Во последните денови растот на нафтата е поврзан со ескалацијата околу Иран и Ормускиот Теснец, односно стравувањата дека дополнителните американски санкции и евентуалните нарушувања на транспортот би можеле да го ограничат снабдувањето. Агенцијата Ројтерс денеска известува дека цената на суровата нафта Brent сепак паднала околу 2% поради земање профит од инвеститорите, по силниот раст минатата недела.

