Нискобуџетниот авион на Jetstar, кој превезувал повеќе од 200 патници на пат од Бали, Индонезија до Мелбурн, Австралија, бил принуден да се врати на местото на поаѓање откако патник се обидел насилно да ја отвори вратата за време на летот над Индискиот Океан.
„Нашиот авион се врати во Денпасар (аеродромот во Бали) минатата ноќ, откако патник предизвика вознемиреност обидувајќи се да ја отвори вратата на авионот, навредувајќи го и попречувајќи го нашиот персонал“, се вели во соопштението на компанијата поврзано со инцидентот, кој се случи во понеделникот вечерта, на 31 март.
Според видеото кое стана вирално на социјалните мрежи, една жена во задниот дел на авионот успеала да ја повлече рачката на вратата, што вклучила безбедносен аларм и го предупредила екипажот.
Капетанот преку разглас им се обратил на патниците и упатил предупредување.
Податоците од Flightradar24 покажуваат дека леталото се свртело еден час по полетувањето, додека сè уште летал над Индискиот Океан.
Иако Jetstar не го прецизираше точниот број на патници и членови на екипажот на тој лет, тие го истакнаа приоритетот на безбедноста.
„Безбедноста и благосостојбата на нашите патници и членови на екипажот се секогаш наш прв приоритет. Им благодариме на сите за нивната смирена и брза реакција“, велат од компанијата и додаваат: „Ние во никој случај нема да толерираме такво неприфатливо однесување на нашите летови“.
Jetstar has denied disruptive passengers are on the rise after a woman tried to open a door at 33,000 feet and a brawl erupted on another flight over a reclined seat: https://t.co/cYG6jF0pni pic.twitter.com/v423A3S72s
— The Australian (@australian) April 1, 2025
Слични инциденти не се ретки
Во минатото имало случаи на несоодветно однесување на патниците, како што се отворање на излезот за итни случаи, напад на екипажот или дури спуштање по тобоганите за евакуација, што често предизвикувало промени во планираните линии на летот.
Затоа, воздухопловните власти се повеќе воведуваат построги мерки и казни за да спречат вакви ситуации.
На пример, минатата година патник насилно ја отворил вратата од авионот за време на летот и повредил член на екипажот на летот на Американ ерлајнс од Милвоки за Далас, а останатите патници морале да го задржат со селотејп лента.
Друг случај се случи во 2023 година, кога маж на летот на Азијана ерлајнс ја отвори вратата за итни случаи непосредно пред слетувањето, објаснувајќи ѝ на полицијата дека се чувствува клаустрофобично и сака брзо да го напушти авионот.
По тој инцидент, компанијата престана да продава седишта до итните излези во авионите Ербас А321.