Се гради нова атмосферска канализација на „Моша Пијаде“ (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Во Куманово во тек се интензивни градежни активности за реконструкција на улицата „Моша Пијаде“, при што моментално се работи на изградба на атмосферска канализација во должина од 830 метри – еден од клучните сегменти на проектот.

 

 

Како што информира градоначалникот Максим Димитриевски, станува збор за втора фаза од целосната обнова на оваа значајна сообраќајница, во рамки на која претходно се вршеше отстранување на постојната асфалтна конструкција и рабниците по целата ширина на улицата.

Паралелно со градежните зафати, воспоставен е и времен режим на сообраќај, при што движењето на овој дел од градот се одвива отежнато.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Апел за безбедна матура: СВР Куманово со едукативна трибина за матурантите (ФОТО)

 

 

Пристапот за возила е ограничен, особено на делницата од улицата „100“ до кружниот тек, каде што се реализираат најобемните работи.

Надлежните апелираат до граѓаните за трпение и разбирање за време на изведбата на проектот.

За потребите на градежните активности, дел од неизградените парцели во близина на градинката Ангел Шајче се користат за привремено складирање на материјали, со обврска по завршувањето тие да бидат вратени во првобитна состојба.

 

 

Реконструкцијата на „Моша Пијаде“ е дел од поширок инфраструктурен зафат, финансиран од Светска банка преку Министерството за транспорт, со цел долгорочно подобрување на инфраструктурата и условите за сообраќај.

 

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кривични за злоупотреби против директор и заменичка во училиште во Куманово

 

Проектот предвидува целосна модернизација на улицата, вклучувајќи нова асфалтна подлога, изградба на атмосферска канализација, обновување на подземната инфраструктура, нови тротоари, уредување на паркинг-простор и поставување урбана опрема.

 

 

Од Општина Куманово најавуваат дека јавноста ќе биде редовно информирана за текот и динамиката на следните фази, со цел реконструкцијата да се реализира во предвидениот рок.

 

Никола Ивановски