Се чека на пари од Владата за да се доврши реконструкцијата на Соколана (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Реконструкцијата на спортскиот комплекс Соколана во Куманово не може да продолжи без дополнителните 700.000 евра кои, според градоначалникот Максим Димитриевски, треба да ги обезбеди Владата.

Тој очекува средствата да бидат одобрени во текот на 2027 година, потсетувајќи дека за нив веќе било разговарано со премиерот Христијан Мицкоски.

 

 

Димитриевски изјави дека Општина Куманово ги завршила првите три фази од реконструкцијата со сопствени средства, а за комплетирање на проектот остануваат уште четвртата и петтата фаза.

„Според наша проценка и според проценката на проектот, се потребни уште 700 илјади евра за завршување. Чекаме повик од страна на Владата, а беше дадено ветување и од страна на премиерот дека тие средства ќе бидат обезбедени. Јас тоа очекувам да се случи во тековната 2027 година. Веќе имам разговарано на таа тема со премиерот и ние тој проект ќе го завршиме“, изјави Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Акивно се работи на реконструкцијата на улицата „Индустриска“ (ФОТО)

 

 

Тој појасни дека првата фаза, која опфаќала статичко зајакнување и обезбедување на објектот од рушење, е целосно завршена и финансирана од Општина Куманово.

Со општински средства е реализирана и втората фаза – замена на кровниот покривач, како и третата фаза, која вклучува партерно уредување и доуредување на спортските терени.

Исклучок е реконструкцијата на надворешното игралиште, која претходно беше финансирана од тогашната Агенција за млади и спорт.

 

 

Според градоначалникот, преостануваат поставување на столаријата, изработка на фасадата и целосно внатрешно уредување на објектот.

На прашањето дали е уверен дека Владата ќе го исполни ветувањето, Димитриевски рече дека очекува тоа да се реализира, но потсети дека реализацијата зависи и од финансиските можности.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Утре почнува судењето за обвинетиот сериски убиец од Старо Нагоричане

– Сигурен сум дека тоа што го ветил премиерот, што сме го ветиле заедно, ќе биде реализирано. Многу работи се ветуваат и даваме изјави за многу работи. За жал, како велат возрасните, колку ви е чергата, толку ќе си ги испружите нозете, изјави тој.

 

 

Инаку, уште при посетата на Соколана во септември 2025 година, премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе обезбеди 700.000 евра за довршување на реконструкцијата на објектот.

Тогаш, заедно со градоначалникот Димитриевски, беше соопштено дека Општина Куманово веќе инвестирала околу половина милион евра во реконструкцијата на Соколана, паркот и спортските терени, додека Владата треба да ја финансира завршната фаза.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Утре почнува судењето за обвинетиот сериски убиец од Старо Нагоричане

Мицкоски тогаш изјави дека проектот е подготвен и дека останува Владата да ги обезбеди средствата, изразувајќи уверување дека тие ќе бидат обезбедени и дека реконструкцијата ќе продолжи.

Никола Ивановски