Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска излегоа со соопштение во јавност во кое тие прашуваат кој ја гарантира безбедноста на авионскиот сообраќај, откако Сашо Мијалков успеал да пренесе пиштол од Македонија во Србија, каде беше уапсен од страна на српските полициски службеници на аеродромот „Никола Тесла“.
Во соопштението меѓу другото стои:
Сашо Мијалков, братучедот на Никола Груевски, ги потврди информациите дека бил приведен на белградскиот аеродром, откако во неговата торба му бил пронајден пиштол. Ова е нов скандал, по серијата скандали од коишто последен беше со дипломатскиот пасош на Мијалков – велат од СДСМ.
Тие прашуваат како Сашо Мијалков успеал да ја помине контролата на аеродромот во Скопје? Кој дозволил Мијалков да помине без да биде проверено што носи? Кој ќе превземе одговорност што непријавен пиштол бил дозволен во авион? Кој ја гарантира безбедноста на авионскиот сообраќај?
Дополнително, овој скандал отвора прашање што друго носи во своите куфери Сашо Мијалков кои очигледно поминуваат непроверени во Македонија. Овие настани уште еднаш ја потврдуваат потребата од темелна реконструкција на државниот систем и институциите во Република Македонија. Едно е јасно. Се стеснува кругот околу Сашо Мијалков. Од одговорност бегање нема, каде и да оди – стои во соопштението од СДСМ.