На денешниот Саем за вработување, четириесетина приватни компании од градот и поширокиот регион, со претставување на своите производствени капацитети и слободни работни места, направија обид да дојдат до специјализирани кадри кои би ги вработиле преку активните мерки на АВРМ.
Компаниите, од кои некои беа присутни за првпат, на невработените а заинтересирани лица им дадоа можност да прашаат поконкретни прашања за слободните работни позиции, но и да соберат професионални биографии кои ќе бидат разгледувани како можност за вработување во приватните фирми претставени на денешниот саем.
Стопанственикот и сопственик на приватната фирма ”МОША МЕЛ” од Куманово што се занимава со млинарско – пекарската индустрија, на денешниот саем ги презентираше слободните позиции во нивната фирма, нагласувајќи дека и покрај можноста која ја нудат, во Куманово тешко се доаѓа до бараните кадри.
– Денес сме овде за да понудиме вработување на лица во нашиот млин, во пекарството поточно за правење на кифли, бурек и леб, и имаме 35 работни позиции, но и покрај отворените работни места, кумановчани не се пријавуваат за работа, вели
И покрај фактот што во Куманово постои средно училиште кое едуцира кадри од прехранбената индустрија, Велковски вели дека матурираните ученици не покажуваат интерес да работат во својата струка, а такви кадри се се` помалку, затоа што постои и слаб интерес за упис.
-
Се` подефицитарни се кадрите од прехранбената струка, затоа што младите сега повеќе сакаат да учат компјутери и ништо повеќе. Ние имаме потреба од 35 лица кои би ги вработиле во нашите две фирми, но, тоа ни оди многу тешко. Покрај тешкотиите да најдеме соодветни кадри, ние како приватници се соочуваме и со тешкотии во работењето ако се земе во предвид тешката економска ситуација во која се наоѓа Македонија. Но, тоа што не` бодри е фактот што барем цената на брашното е реална, па така можеме да излеземе и накрај со бизнисот од кој опстојуваат две наши семејства, вели Велковски.
Во обид да дојдат до работа, кумановчани денес се распрашуваа за слободните работни позиции и според очекувањата на АВРМ и Центарот за вработување во Куманово, и оваа година се очекува пополнување на минимум сто работни места во приватниот сектор.