Министерството за финансии на САД во вторник воведе санкции врз 10 лица и субјекти за кои се тврди дека набавиле оружје или компоненти за оружје за Министерството за одбрана на Иран, соопшти Министерството за финансии на САД.
Меѓу санкционираните лица се претставник на Министерството за одбрана на Иран со седиште во Кина, како и претставници на неколку компании од Иран, Хонг Конг и Пакистан кои наводно набавуваат компоненти за развој на иранско оружје.
Министерот за финансии Скот Бесант изјави дека САД „ќе продолжат да ги таргетираат и попречуваат оние кои обезбедуваат материјална, технолошка или финансиска поддршка што му овозможува на иранскиот режим да ги одржи своите терористички активности“, објави Ројтерс.
– Министерството за финансии нема да толерира никаква поддршка за режимот и ќе продолжи да ги идентификува, разоткрива и изолира оние кои им овозможуваат на дејствијата на Иран – рече Бесент.
Тој претходно изјави дека испратил емисари низ целиот свет за да изврши притисок врз земјите економски да го изолираат Иран и дека тие напори се исплатуваат.
Тој изјави дека Турција и Оман ги суспендираа влезните летови на приватниот превозник Махан Ер, додека Обединетите Арапски Емирати ги суспендираа сите летови на иранските авиокомпании.
– Водечките комерцијални банки во ОАЕ и Турција престанаа да вршат трансакции со Иран. Дури и иранското раководство ја призна економската штета од војната, бидејќи вредноста на ријалот падна на рекордно ниско ниво. Благодарен сум на владите на Обединетото Кралство, Турција, Оман и ОАЕ. Ќе продолжиме да работиме заедно бидејќи сè уште има многу да се направи за да се спречи Техеран да ја спроведе својата терористичка агенда – рече Бесент.

