Русија тврди дека соборила десетици украински дронови упатени кон Москва

Сподели со своите пријатели

Украина се обиде да ја нападне Москва со десетици дронови, соопштија синоќа руските власти, само еден ден откако украинските власти соопштија дека Русија го извршила најголемиот напад со беспилотни летала врз Киев од почетокот на војната во 2022 година.

Loading...

Руската противвоздушна одбрана собори најмалку 24 беспилотни летала над областа околу Москва, но не вклучувајќи го главниот град, и над четири други провинции на југ и запад, соопштија руското Министерство за одбрана и градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин во серија изјави преку Телеграм.

Тие не кажаа дали има жртви.

Гувернерот на Московската област Андреј Воробјов преку Телеграм напиша дека во нападите со дронови се оштетени три згради, наведувајќи дека нема повредени.

Беспилотно летало удрило во дванаесеткатна станбена зграда во западниот руски град Тула, на околу 180 километри јужно од Москва, при што полесно е повредено едно лице и причинета е ограничена штета, напиша локалниот гувернер Алексеј Дјумин на Телеграм.

Московските аеродроми Внуково и Домодедово беа накратко затворени поради напади со беспилотни летала, јави руската државна новинска агенција Тас.

Според податоците на меѓународните портали за следење летови, обајцата продолжија со редовните операции вчера до 6 часот наутро.

Украинските власти веднаш не ги коментираа нападите, кои уследија еден ден откако Русија го нападна главниот град на Украина со 60 беспилотни летала Шахед.

Loading...

Украинските воздухопловни сили вчераутро соопштија дека собориле осум од деветте беспилотни летала Шахед, испукани од руските сили во текот на ноќта.